Синоќа четворица упаднале во 1ТВ и го барале Сергеј

Насилен упад се случил синоќа во просториите на 1ТВ. Имено, четири млади лица на возраст од околу 25 години и покрај затворената капија на дворот, успеале да влезат во просториите на телевизијата, барајќи го водителот Сергеј Варошлија.

“Првично се претставија како негови роднини, но нашите вработени лица го забележаа нивниот очигледен револт, а сомнително беше и тоа што бараа негов телефонски број како и времето кога доаѓа и заминува нашиот колега.

Очигледни беа нивните насилни намери, поради што нашите вработените побараа помош, а лицата кои упаднаа избегаа од телевизијата. 1ТВ изутрина ќе го пријави случајот во полиција, бидејќи сметаме дека станува збор за планиран напад, кој можел да има сериозни последици. Се надеваме дека органите на прогонот во најскоро време ќе го расчистат случајот и ќе ги санкционираат напаѓачите.” – стои на официјалната веб страна на 1ТВ.

Минатата недела се развија полемики во јавноста, дали Сергеј ги злоупотребува профилите од социјалните мрежи, односно дали смее да ги прикажува нивните фотографии на телевизија. 1ТВ организираше дебата на која се заклучи дека при поставување фотографија на социјалните мрежи, таа станува јавна.