Писмото од мајката на детето со попреченост кое требаше да биде прваче

Регионалните медиуми објавуваат за потресното писмо на Ана Вујновиќ од Загреб, мајка на две деца, од кои едното требало во понеделникот да тргне во прво одделение.

Малата Елена е дете со попреченост и во понеделникот возбудено чекала да го кажат нејзиното име во новото училиште. Но, не го кажале. Детето останало само, надвор од училницата, во големиот двор, без доделено одделение бидејќи никој не се погрижил за тоа. Никој не знаел дека Елена доаѓа, ѝ рекле на вознемирената мајка.

Мајката на „Фејсбук” го објави потресното писмо упатено до одговорните институции. Писмото го пренесуваме во целост:

– Елена денес остана сама.

Во дворот на „нејзиното” основно училиште. Во нова облека, со нова чанта. Во неверување, паника и солзи.

Поради вас.

Цело утро, а и изминатите неколку недели Елена го исчекуваше првиот училиштен ден. Првоодделенче. Нервозна, во исчекување, но трпелива. Рече дека ќе облече фустанче. Рече дека ќе ја запознае наставничката. Во нејзиното посебно главче, веројатно во ликот на принцеза или добра вила. Рече дека ќе добие книги и распоред. Рече – голема девојка сум. И ќе одам на училиште. Горда, среќна, во исчекување…

…Елена денес остана сама.

Во големиот двор по приредбата за добредојде („децата ми пеат мене, мамо?”), наставничките ги прозиваа првоодделенчињата. Таа трпеливо чекаше да бидат повикани сите деца, го чекаше своето име, чекаше и таа да стане и да истрча до нејзината наставничка. Но, не дочека.

Елена денес остана сама.

Со своите потреби и со одлуката на општинската канцеларија за образование дека ќе оди во училиштето каде што седеше сама, во големиот двор, со новата розова чанта со пеперутки и со паника во срцето и во главата.

Не дочекавме да ја испратиме во одделението со гордост и солзи радосници во очите како другите родители. Мама, тато, големиот брат, баба и дедо. Дочекавме прашални погледи од раководството на училиштето, кое не знаеше кои сме, од каде сме и што бараме тука.

Прегледувајќи ги моите документи, кои воопшто не ги добиле од општината, заклучија дека освен што немаат места, немаат ни програма за Елена. А општината одлучи дека Елена треба да оди баш во тоа училиште. Не во она каде што оди брат ѝ, исто така дете со попреченост, туку баш тука. Бидејќи, објаснија, тоа е во прилог на детето. Училиштето кое НЕМА програма за нејзиниот тип тешкотии.

Елена денес остана сама. Целосно и апсолутно напуштена и заборавена од луѓето и од системот, дете со попреченост за кое никој тука не слушнал, за кое нема место на првиот училиштен ден, за кое нема програма во главниот град. Директорот е беспомошен. Не е тој виновен. Тој денес од мене разбра за решението.

Нема пари, велат. Нема луѓе. Нема простор. Одлуката на градот е дека во посебни одделенија во некои училишта има место само за 5 деца со попреченост. А потоа тие исти луѓе запишуваат 8 ученици. Но, пари за уште едно мало одделение – нема.

Нема финансии? Јас би рекла нема финансиски интерес. Колку пари се потребни за едно одделение во кое има 25 деца да се прегради во две за уште 5 ученици? Не треба да се биде математичар, зимоска преградувавме соби со 7 метри кнауф. 3.500 куни. Колку чини новата фонтана во градот?

Колку чини поместувањето на киповите? Колку сите тие небулози и апсурди во градската распределба на нашите пари? Три и пол илјади куни? Секако дека треба да се вработат луѓе, да се опреми одделението, тоа е голем трошок кога сето ќе се земе предвид. Дури половина автомобил од апсурдниот возен парк на нашите политичари. Ако и толку…

Елена денес остана сама. Поради вас. Поради апсурдот на нашиот град, нашата држава.

Колку вреди скршено седумгодишно срце? Колку чини секоја солза што се слеа по најдрагите образи? Колку ја проценувате родителската немоќ и беспомошност додека мора да ја гледаат ќерката во очите и да ја лажат, да ја лажат најдобро што знаат зошто нема ни одделение, ни наставнички, ни книги, ни распоред за неа? Колку чини? Кажете, да е*бам и државата и градот, кажете па да го продадам бубрегот и да ви платам, само да не ја погледнам во очите во овој момент.

Откако ѝ го уништија здравјето и ја направија ваква без никакво извинување и преземање на одговорноста, по сите погрешни дијагнози и две сепси со еден килограм и 8000 грама во породилиштето, поради нечисти раце, после борбата во текот на овие седум години, со помош на прекрасните поединци во Центарот и во градинката, кажете, која е цената на нејзините очајни солзи?

Елена денес остана сама. Напуштена и заборавена бидејќи е дете со попреченост.

Срам да ви е, кој и да е одговорен за тоа. Срам да ви е поради 3.500 куни, поради фонтаната, поради апсолутната апатија и гледање само за газот, поради расфрлање на нашите крваво заработени пари, на сѐ освен на она што е важно. Срам да ви е поради разделувањето и растурањето на семејствата бидејќи луѓето заминуваат оттука поради вашите закони.

Би сакала барем на момент вие и вашите најмили да ги почувствувате оваа немоќ, тага, разочарување и паника што ние и нашата принцеза ги почувствувавме денес во 14 часот во едно училиште во Загреб. Само на момент да ви се скрши срцето во милион парчиња додека ги гледате тие мили очи кои бараат решение и утеха. Само на момент и вие да останете сами.

Од срце ви посакувам. Не затоа што сум лоша и сакам закана, туку за и вас нешто во животот да ве шутне со нога во газот и да ја пробуди емпатијата и одговорноста кон општеството и граѓаните бидејќи тоа е ваша е*ена работа.

За тоа сте платени многу повеќе од овие прекрасни души кои за никаква плата и на работ од егзистенцијата живеат со тие деца не само во градинка – тие живеат со нив 24 е*ени часа дневно. И ни ги држат главите над сите ваши ср*ња, да не се потопиме целосно. Да не се откажеме од борбата со чудовиштата во фотелјите и нивната политика и систем.

Но само на момент. Оној момент кога мајката речиси падна на колена поразена од ужасот во очите на принцезата. Но нема. И овој пат, не знам по кој пат, ќе ја соберам сета сила што ја имам, а имам благодарение на 12-годишната борба со вашиот систем и ќе ги превртам небото и земјата да го заштитам моето дете од вашите неправди и апсурди. Повторно. Бидејќи слична драма поминувавме и со синот пред некоја година.

Тој е сега петто одделение, а вие одлучивте после 4 години да му го укинете асистентот. И тоа баш на таков преод од одделение со наставничка во одделение со 11 наставници. Со сите свои потврдени дијагнози и тешкотии кои, според вас, очигледно исчезнале преку летото. Е не исчезнаа. Но тоа за вас не е толкава драма, со оглед на тоа што неговата сестра ја оставивте и без училиште, и без одделение, и без наставничка. Така, за вас не е драма и останувањето без асистент.

Елена нема да остане сама.

Ви се колнам, додека имам сила во мене, нема да остане сама.

А вам, кои сте одговорни за оваа траума, ви посакувам да ви се врати сѐ што сте заслужиле и сѐ што ни приредивте. На сите родители на деца со попреченост – напиша мајката.

Извор: Република